Стјепановиќ:„Имаме подобар тим од лани, тоа ќе го покажеме на следните натпревари“

0

Ракометарот на Еурофарм Пелистер Невен Стјепановиќ минатиот ноември сериозно го поврреди коленото на натпреварот од СЕХА лигата против мешков Брест и мораше да направи оперативен зафат. Сега е целосно заздравен и смета дека со овој ритам на натпревари ќе ја врати минатогодишната форма.

„Моментално се чувствувам одлично. Што повеќе време минува, се враќам во форма. Одигравме неколку официјални натпревари, влегувам во ритам. Не можам да речам дека целосно се вратив во ритам, но се трудам колку што можам. Дури сега гледам колку е тешко да се враќаш од вака тешка повреда. За жал заради овој коронавирус немавме многу натпревари, баш тие ми недостигаат. Но, се надевам на подобри времиња и добри партии“ вели Стјепановиќ.

Тој направи споредба на овој тим и оној од минатата година:

„Искрено, можам точно да кажам дека имаме доста поквалитетна екипа од минатата сезона. И тогаш имавме квалитетни ракометари, но сега мислам дека тимот како тим е доста подобар. Склопивме мозаик и имаме одлична хемија во тимот. За жал немавме доволно натпревари и тоа да го покажаме. Ги покажавме добрите страни, имавме и лоши моменти, но со повеќе натпревари ќе го покажеме квалитетот“ истакна босанскиот интернационалец.

Екипата на Еурофарм Пелистер ја очекува вечерва натпревар против Тримо Требње, а за оваа средба Стјепановиќ вели:

„Секогаш постои притисок. И кога сте поквалитетни екипа и кога не сте – секогаш постои тој притисок. Мислам дека сме поквалитетна екипа од Тримо Требње, но тие играат многу брзо, што и го покажаа против Татабања. Унгарците се многу добра екипа, а тие успеаја да ги победат. Одиме со респект, но имаме императив на победа, поквалитетна екипа сме и се надевам на позитивен резултат“ заврши Невен Стјепановиќ.

Share.

Leave A Reply