Селекторот на Македонија, Александар Тодоров, очекувано не беше задоволен од се она што се случуваше на мечот со Естонија (72:81), пораз кој секако дека никој не го очекуваше. Но сепак тој изрази оптимизам и верба во своите избраници дека можат да победат во следните натпревари кои следуваат.
„Само поради начинот на кој ја одигравме втората четвртина, која ја загубивме со 20 поени разлика, ние не заслуживме да победиме на крајот на натпреварот. Дозволивме да влеземе во брза кошарка која противникот ја наметна, а знаевме дека тоа не смеевме да им го дозволиме. Естонците мечот го почнаа со таква агресија каква што е одлика на домашната екипа. Првпат по подолго време игравме пред полна сала, но тоа не го искористивме. Начинот на кој одигравме во второто полувреме, посебно во третиот перод, сепак ми дава надеж дека сме на добар пат и дека можеме многу повеќе. Има нешто во овој состав и сигурен сум дека ќе ја победиме Естонија во Талин со десет и повеќе поени. Пред нас имаме осум месеци за надградување и напредок и сигурен сум дека не е сѐ решено околу патниците за ЕП 2021“– изјави селекторот Тодоров по мечот со Естонија.