Легендата на француската кошарка Тони Паркер ќе ја продолжи кариерата во НБА, но по 17 години верност кон Сан Антонио Спарс тој заминува во друг клуб, односно потпиша со Шарлот Хорнетс.
Ова стана јасно откако генералниот менаџер на „Хорнетс” Мич Купчак издаде официјално соопштение до медиумите во кое го објави трансферот на Паркер.
„Ние сме многу среќни што ангажиравме играч од калибарот на Тони Паркер. Уверени сме дека со неговото искуство тој во голема мерка ќе помогне да ги подобриме перформансите на нашиот тим. Сите во семејството на Шарлот го поздравуваме Тони со „Добредојдовте” и сме сигурни дека блескавата кариера ќе продолжи успешно со екипата на Хорнетс”, се вели во пораката на Купчак.
Тони Паркер дебитираше во НБА со тимот на Сан Антонио Спарс во сезоната 2001/02, кога беше е избран под број 27 на Драфтот. Со екипата на „Спарси“ Французинот одигра 1 198 натпревари во регуларната сезона на Лигата, а вкупните средни индикатори се 15.8 поени, 5.7 асистенции и 2.8 скока.