Тренерите очекуваат силен и одлично организиран Куп

0

Во пресрет на завршниот турнир од Купот на Македонија во кошарка, тренерите на тимовите кои ќе се борат за освојување на вредниот трофеј ги искажаа очекувањата од престојните мечеви.

Ѓорѓи Кочов, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, пред пресметката со Кожув вели:

„Ние како МЗТ имаме обврска да победуваме на секој меч. Но, сите екипи кои се најдоа тука се квалитетни. Би сакал да побарам една добра игра од мојот тим, па нека победи подобриот. Што се однесува до распоредот и полуфиналето, Работнички е далеку, за да се стигне треба да го поминеме Кожув кој е домаќин и се засилија. Првата пречка е Кожув. Не жалиме што евентуално „вечно дерби“ е во полуфинале, за да победиш мора да ги победиш сите. За нас нема никакво значење“.

Александар Јончевски, тренерот на Кожув очекува еден одлично организиран настан:

„Верувам дека овој Куп ќе биде одлично организиран. Бевме сведоци на последниот настап на националниот тим. Не чека натпревар со МЗТ, имавме големи промени во ростерот. Потајно посакуваме да направиме изненадување“.

Игор Михајловски, помошниот тренер во Работнички во пресрет на дуелот со Куманово вели:

„Куманово покажа дека е незгоден противник, играат агресивна кошарка и е тим составен од младост и искуство. Овој натпревар се игра на неутрален терен, шансите се 50/50 за полуфинале. Мора да покажеме респект. Работнички има проблеми со повредите, еден од најдобрите играчи Кире Николовски нема да игра поради повреда, исто и Ѓорѓи Чековски, кој се врати по долгомесечна пауза. Но, Работнички како шампион во лигата има обврска да го даде најдоброто од себе на овој Куп“.

Share.

Leave A Reply