Македонските одбојкари се на чекор до сигурен пласман на Европското првенство годинава. Доколку попладнево ја совладаат Турција со 3:0 или со 3:1 во сетови, тогаш ќе го прослават вториот влез во континенталната елита. Во првиот случај ќе завршат први на турнирот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а во вториот до целта ќе стигнат како една од петте најдобри второпласирани репрезентации во седумте групи.
Откако Турците вчера очекувано славеа над Босна и Херцеговина со 3:0 (25:9, 25:19 и 25:18), денеска против нас ќе влезат со три победи, со максимални девет бода и со сет-количник 9-1. Тоа значи дека доколку ние го добиеме натпреварот со нив со 3:0, ќе имаме сет повеќе и ќе го освоиме првото место на табелата во групата „Ц“, а доколку триумфираме со 3:1, ќе останеме зад нив поради полош сет-количник, но ќе имаме подобар ефект од Шпанија која заврши втора во групата „Д“ со поен-количник 1.006, а најверојатно и од второпласираниот во групата „Б“ во којашто Израел вчера ја доби Австрија. Со победа со 3:2 или со каков било пораз, ќе ја чекаме разврската од преостанатите четири квалификациски групи закажани за во мај. За да не се случи тоа и да решаваат сами за себе, македонските одбојкари треба да победат со резултат 3:0 или со 3:1 против Турците.