УЕФА планира во иднина Лигата на шампионите да се трансформира во турнир во кој сите екипи во главната фаза ќе бидат во иста група. Нивниот број во главната фаза или ќе остане 32 или ќе се зголеми на 36. Секој тим ќе одигра 10 натпревари пред нокаут-фазата, а интересно е што ривалите ќе бидат одредувани по пат на ждрепка по случаен избор.
Наместо досегашниот систем „дома-гости“, секој тим ќе игра по пет меча дома и во гости, но против различни екипи. Принципот на избор против кого ќе играат дома, а на кого ќе му гостуваат исто ќе биде по случаен избор. Врз основа на резултатите од овие 10 дуели, ќе се формира конечниот пласман во една ваква групна фаза. Првите 16 екипи ќе продолжат во нокаут-фазата, додека дел од екипите од 17 до 32 место ќе продолжат во Лигата на Европа. Идејата е се уште на разгледување и најрано би можела да стартува од сезоната 2024/25.