Вардар денес во Виена ги добива противниците за Лигата на шампионите

0

Погледите на љубителите на ракометот во нашата земја и секако навивачите на Вардар денес ќе бидат свртени кон Виена каде вечерва од 18 часот ќе биде ждрепката пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите.  Веќе се познати учесниците во машкото елитно натпреварување, кое од септември ќе се игра по друг формат.

Две групи во кои ќе има по осум екипи ќе играат двокружно, а пред ждрепката 16 тима се поделени во четири шешири за разлика од лани кога беа во осум. Од сите шешири по два тима ќе бидат во групата А, а другите два одат во групата Б.

Во првата фаза два тима од иста држава нема да се најдат во иста група, па тоа значи дека тимовите од Унгарија, Франција и Германија ќе бидат на различни страни од ждрепката. По 14 одиграни кола, двата најдобри тима продолжуваат директно во четвртфиналето, додека оние од трето до шест место ќе играат осминафинални двомечи. Натпреварувањето ќе заврши за седмо и осмопласираните екипи.

Пред денешната ждребка еве како изгледаат шеширите:
Шешир 1: Барселона, ПСЖ, Вардар, Веспрем
Шешир 2: Кил, Келце, Алборг, Порто
Шешир 3: Мешков Брест, Мотор Запорожје, Нант, ПИК Сегед
Шешир 4: Фленсбург, Целје, Елверум, Загреб

Сите се во исчекување кои противници ќе ги добие актуелниот шампион на Европа, Вардар кој оваа година со промена на раководството направи и голем број на промени во играчкиот кадар.

Share.

Leave A Reply