Вардар е фаворит, но и претпазлив пред мечот со Загреб

0

Европскиот шампион Вардар вечерва повторно гостува во Лигата на шампионите, овојпат кај добриот познаник ППД Загреб.

Во екипата на Вардар се надеваат на продолживање на добрата серија во која освојуваат бодови и победуваат. За двете екипи ова ќе биде трета средба сезонава. Веќе двапати ППД Загреб гостуваше во Скопје, еднаш во ЛШ и еднаш во СЕХА Газпром лигата. Вардарци отпатуваа комплетни во Хрватска на овој натпревар во Загреб, вклучувајќи го и Рожерио Мораеш кој имаше повреда и пропушти неколку средби.

На досегашните девет меѓусебни средби во ЛШ, домашните ракометари имаа пет победи, а само еден дуел завршил со нерешен резултат. Минатата сезона Вардар замина за Загреб како фаворит, имаше водство во второто полувреме, но на крај загуби. Сега поучени од тоа искуство „вардарци“ заминаа за Загреб со поголема претпазливост. Свесни се дека ППД Загреб бара шанса за останување во игра за осминафиналето, а „црвено-црните” за задржување на првото место.

„Сега е слична ситуација како лани. одиме во Загреб како фаворити. Лани ние игравме добро 45 минути, имавме 5 гола, па загубивме. Треба да имаме почит кон ривалот, да играме 60 минути со мотив и концентрација. Знаеме дека ќе биде тешко, таму секогаш се игра со доста притисок“, изјави Раул Гонзалес тренерот на Вардар.

Сезонава Вардар и ППД Загреб одиграа две средби, по една во ЛШ и во СЕХА лигата. Екипите се познаваат меѓусебе, и тешко е да се смени нешто драстично во играта за толку кратко време. Но, Вардар заминува подготвен на сѐ.

„Може да играат 7 на 6 на пример. Но, мислам дека ќе играат повеќе или помалку како и секогаш. Но, надвор кога се игра е потешко. Сега играме во гости. Секој сака дома да победи. Сигурно дека салата ќе биде полна и нѐ очекува добра атмосфера. Само сакаме да се фокусираме на Загреб, зашто после имаме време да мислиме на следните ривали. Победа си е победа. Тоа е сега најважното“, додаде Гонзалес.

На првиот меѓусебен натпревар на почетокот на октомври Вардар во Скопје победи со 28:21 (13:10). На тој меч Вуко Борозан постигна четири голови.

Натпреварот ППД Загреб – Вардар се игра вечерва од 20 часот.

Share.

Leave A Reply