Македонскиот ракометен шампион Вардар в недела треба да го одигра можеби клучниот напревар во групната фаза на Лигата на шампионите. На домашен терен пред полната сала во СЦ „Јане Сандански“ гостува шпанскиот гигант Барселона, кој секогаш е тежок противник на Вардар.
Стратегот на вардарци, Роберто Гарсија Парондо е свесен за значењето на овој натпревар и квалитетот на противникот, но напомена дека неговите момци се подготвени на сè.
„Сите сме возбудени поради тоа што во Скопје доаѓа Барселона. Во оваа сала секогаш кога играме големи натпревари, трибините се исполнети до последно место и очекувам одлична поддршка и одлична атмосфера. За квалитетот на нашиот противник не треба да се трошат зборови. Тоа е тим кој секогаш е на ниво на задачата и претендира кон пласман на Ф4 во Келн. Каталонскиот клуб оваа сезона игра поквалитетно од лани и сигурно нè очекува тежок и неизвесен натпревар. Вардар е подготвен“, изјави Парондо.
Вардар се наоѓа во добар ритам и позитивна атмосфера која треба да биде искористена за да се одигра добро и на овој меч. Капитенот Стојанче Стоилов смета дека ракометарите на Барса се свесни каков пекол ги очекува во Скопје и нема да им биде сеедно.
„Играме против Барселона, со која до последно ќе се бориме за првото место во групата. Уште кога беа извлечени групите се сметаше дека Барса е фаворит во оваа група, а јас и сега сметам дека овој клуб е еден од главните фаворити за освојувањето на титулата. Сепак, тоа не треба ништо да значи. Тие знаат дека ги очекува „пекол“ и нема да им биде сеедно. Но, ние знаеме како треба да се игра за да се победи Барселона. Вардар во тимот имаа ракометари кои сакаат да победат на видео-игра, а не пак на дуел против еден вака голем клуб“, изјави Стоилов.
Дуелот меѓу Вардар и Барселона се игра в недела со почеток од 17:00 часот.