Македонскиот ракометен шампион Вардар ја продолжи победничката серија во најелитната ракометна конкуренција во Европа, Лигата на шампионите, „црвено-црните“ славеа и во четвртиот натпревар по ред од новата сеозна. Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ беше совладан германскиот тим Рајн Некар Левен со 29:27.
Вардар лошо одигра во првото полувреме и ниту еднаш немаше предност, а гостите константно имаа водство кое на момет беше 7:10 и 11:15, но на крајот на полувреме се отиде со 13:15. Во второто полувреме сосема друга слика, Вардар веднаш дојде до израмнување на 15:15, а потоа имаше и предност која ја одржуваа во поголемиот дел од вториот дел. По израмнетите 21:21, Вардар дојде до предност од 23:21, а потоа имаше водство и од 27:24.
Решавачки беа одличните одбрани на голманот Милосављев кој одбрани неколку тепшки удари на противникот, а точка на победата стави Дибиров кој реализираше пенал за 29:27.
Најдобри стрелци во редовите на Вардар беа Дибиров со седум и Карачиќ со три голови, а голманот Милосављев на крајот на мечот заврши со 11 одбрани. Кај гостинската екипа се истакнаа Петерсон со шест, а Колбахер и Шмид постигнаа по пет гола.
Сега Вардар го чека уште еден тежок натпревар, а тоа е гостување кај екипата на Виве Киелце во Полска.