Ракометарите на Вардар одиграа уште еден лош натпревар во Лигата на шампионите и тоа на гостински терен во Германија кај екипата на Кил и доживеаа убедлив пораз од 34:23.
Вардар направи многу грешки и промашуваше зицери во клучните моменти, а Кил тоа знаеше добро да го казни. Домашните ракометари не дозволија Вардар да се доближи во клучните моменти и го држеа натпреварот под контрола, од првата до последната минута.
Во првиот дел Кил имаше предност од 6 гола разлика, (13:7 и 15:9) , но на одмор се замина со резултат 18:14. Во второто полувреме Вардар успеа да намали на 22:19, но потоа следуваа неколку промашени зицери, пред се од Дибиров, а тоа го казни Кил и дојде до предност од 27:19. Вардар повторно успеа да направи серија и да намали на 27:22, а потоа следуваше невиден пад во играта на Вардар во нападот и цели 7 минути не успеа да постигне гол, со што Кил ја зголеми предноста на 33:22, за на крајот со гол од пенал да го постават конечниот резултат 34:23.
Нај ефикасни во редовите на Вардар беа Кристопанс со 6 и Стоилов со 5 гола, додека кај Кил, Екберг постигна 8, а Ландин Јакобсен 6 гола.
Во следното коло македонскиот тим ќе биде домаќин на Мотор Запорожје и нема право на кикс (15 февруари).