Вардар посакува без пораз да ја заврши сезоната во СЕХА лигата

0

Македонскиот ракометен шампион Вардар утре ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза на регионалната СЕХА лига.

„Вардарци“ на домашен терен ќе го пречекаат тимот на Нексе, но и покрај тоа што овој натпревар не е од резултатско значење сепак во Вардар посакуваат со победа да го завршат овој дел од сезоната на СЕХА лигата.

„Се разбира дека сум презадоволен од досега одиграните натпревари во СЕХА, но ние сакаме и сме мотивирани регуларниот дел од сезоната да го завршиме без пораз. Против Нексе сакам да одиграме квалитетно, а сигурен сум дека и играчите го сакаат тоа, имам доверба во нив. Свесни сме дека во овој меч влегуваме како фаворити, но мораме да одиграме на високо ниво“, истакна тренерот на Вардар – Раул Гонзалез.

На денешната прес-конференција своите очекувања од оваа средба ги искажа и Мартин Поповски, кој истакна дека тие имаат голема мотивација сезоната во СЕХА да ја завршат без пораз.

„Малку сме уморени од тешките патувања во Србиа, но ова е нашиот последен натпревар. Мечот против Нексе можеби нема резултатско значење за нас, но имаме голема мотивација сезоната да ја завршиме без пораз во СЕХА лигата. Потоа ни следува краток одмор, па ќе започнеме да се подготвуваме за завршниот турнир кој се игра во Скопје“, изјави Поповски.

Натпреварот меѓу Вардар и Нексе на програмата е утре од 17.45 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Share.

Leave A Reply