Вардар успеа да се врати од мртвите и да извлече резултат кој го однесе на Ф4-турнирот во СЕХА.
Најтрофејниот клуб во регионалното натпреварување загуби од хрватскиот тим Нексе со 25:26, но поради победата во Нашице од еден гол (31:30), се пласираше на завршниот турнир каде ќе треба да ја брани титулата. Сите очекуваа сигурна победа на Вардар на домашен терен, но тоа не се случи иако Вардар добро го почна натпреварот и во поголемиот дел од првото полувреме имаше предност, но на одмор се замина со нерешени 13:13.
Во вториот дел од средбата бледа игра на Вардар која знаеше да ја искористи Нексе и да дојде до предност од 20:24 на неколку минути пред крајот. Но Вардар не би бил Вардар ако се предаде. Јагуриновски, Гаџа и Чупиќ направија серија од 3:0, Вардар дојде на 23:24, Јагањац погоди за 23:25), па Валчак возврати за 24:25. На истекот на последната минута Јагањац повторно погоди за 24:26, но во следниот напад на 6 секунди пред крајот Валчак намали на 25:26, а нексе не можеше во последниот напад да погоди, што значеше конечни 25:26 и пласман на Вардар на Ф4 во Задар.
Ф4-завршницата во Задар ќе се игра од 4 до 6 септември. Вардар ќе игра со ППД Загреб, додека втората полуфинална двојка е меѓу Веспрем и Мешков Брест.