Ракометарите на Вардар денес го играат полуфиналниот натпревар од завршниот Ф4 турнир во Лигата на Шампионите во Келн.
Вардар се врати на местото каде пред една година го постигна најголемиот успех за себе и македонскиот машки ракомет. Во убава атмосфера нашите ракометари ги одработија планираните тренинзи , а синоќа имаа можност да се дужат со навивачите на заендичката забава пред „Ланксес“ арената. Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес е смирен, како и секогаш и внимателен во своите прогнози:
„ Немаме притисок и треба да уживаме како што тоа го направивме лани. Не мислам за ништо освен за полуфиналето. Монпелје е опасен противник. Нема да откривам тактиката. Треба добро се подготвуваме, бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, а на крај ќе видиме кој ќе игра во финале. Сега за сега размислувам за Монпелје и само Монпелје“, вели Раул Гонзалес.
Еден од клучбите играчи на Вардар од кого се очекува многу е Лука Циндриќ и тој самиот потенцира дека со нетрпение очекуваат да истрчаат на терен.
„Притисок е голем, но едвај чекаме сѐ да тргне. Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Сите екипи кои се тука, заслужено се дел од Ф4. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одлилен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Треба да бидеме спремни за секоја одбрана од 6-0, 5-1 и 4-2. Може сѐ да покажат. Одбраната е клуч на нашата игра. Одиме чекор по чекор. Фокусирани сме на Монпелје“, изјави Лука Циндриќ.
Натпреварот Вардар – Монпелје се игра од 18.00 часот, додека во првото полуфинале се среќаваат ПСЖ и Нант од 15.15 часот. Финалето е закажано за утре од 18.00 часот, а се надеваме дека таму ќе го гледаме бранителот на титулата, нашиот шампион Вардар.