Стручен тим од Агенцијата за млади и спорт предводен од Директорот, Дарко Каевски заедно со посебните советници за спорт од Владата на РМ, Даниел Димевски и Ѓорѓи Тасев, денеска реализираа средба со претставниците на спортските федерации и спортските работници.
На истата беа дефинирани критериуми за користење на Ваучерите во спортот како дополнителен извор за финансирање на спортот во Република Македонија во 2019 година а се потенцираше и потребата од формирање на посебно тело во Агенцијата за млади и спорт чија главна обврска ќе биде работата со ваучерскиот систем, при што целиот процес, како и досега, ќе се води низ транспарентен, партнерски и инклузивен пристап со сите спортски субјекти. Преку тој систем, на обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјект ќе му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но, најмногу до 50% од пресметаниот данок.
„Целиот процес се води низ транспарентен и инклузивен пристап. Со тој систем ќе има нови 6 милиони евра со што значително ќе се подигне нивото за развој на квалитетот и ќе се зголеми финансиската моќ на спортските колективи. Клубовите и федерациите ќе може преку ваучер систем да обезбедат сигурен партнер во финансирањето на програмите“ – стои во соопштението на АМС поврзано со денешниот состанок.