Венгер: „Можно е да ги продадеме Озил и Санчез во јануари“

0

Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер имал доста опширна прес-конференција пред лондонското дерби со Ватфорд во сабота. Французинот откри дека ќе треба да се справи на оваа средба без повредениот дефанзивец Шкодар Мустафи, кој настрада за време на светските квалификации со репрезентацијата на Германија. Повредата на Мустафи е сериозна и тој ќе остане надвор од игра меѓу 4 и 6 недели. Подобра е ситуацијата со Сеад Колашинац, кој играше само 45 минути за Босна и Херцеговина последниот квалификациски натпревар. „Кај Колашинац нема ништо сомнително, тој е здрав и може да игра. Под прашање за настап на натпреварот е Лорен Кошчелни, кој утре ќе има финален тест. Во моментов тој се уште не е подготвен, но знаците се позитивни”, изјави Венгер.

Запрашан за тоа како ќе се одрази на тимот елиминацијата на Чиле и Велс во светските квалификации, откако ѕвездите на двата тима се играчи на Арсенал – Алексис Санчез и Арон Ремзи, Венгер одговори: „Ќе треба да зборувам и со двајцата. Ги гледав натпреварите и мислам дека ќе треба да пристапам внимателно. Особено Санчез беше подложен на голем притисок, како физички, така и психички. Тој и Ремзи сепак се родени победници и сакаат да победуваат. Сега, кога нема да играат на светското првенство, ќе можат да се концентрира целосно на клупскиот фудбал”, додаде Венгер.

Францускиот тренер исто така истакна дека преговорите со Санчез за нов договор, како и оние со Месут Озил, не напредуваат. И двајцата се со договори кои истекуваат на крајот на сезоната. „Во моментов не сме блиску до тоа да објавиме нешто. Ситуацијата е комплицирана, но се уште постои можност да се развие во наша полза. Нема краен рок за тоа кога да потпишат нови договори. Во ситуацијата во која сме сепак, сме должни да ја разгледаме секоја можност, вклучувајќи и да се разделиме со нив уште во јануари”, заврши Венгер.

Share.

Leave A Reply