Владата дозволи враќање на колективниот спорт во Македонија

0

Владата на Република Македонија донесе одлука да престане важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективни спортови.

Прифатена е препораката на Комисијата за заразни болести, националните федерации да започнат со организирање спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари, без публика и со запазување на здравствените протоколи. Сега на ред се организаторите – националните федерации и самите клубови. Секоја спортска федерација ќе изработи протокол за натпреварување, а спортските клубови и спортистите ќе треба максимално да ги почитуваат.

„На денешната седница, Владата донесе одлука со која престанува да важи забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите“, се вели во соопштението на Владата.

Во моментов нема спортски настани во нашата земја, а најавено е дека фудбалскиот шампионат на Македонија ќе започнат на 9 август (Прва лига), а нешто подоцна и двете Втори лиги. Од ракометните настани ова лето се предвидува одржувањето на ракометниот турнир во Струга, додека машката и женската Суперлига ќе стартуваат во септември. Кошаркарските и одбојкарските шампионати е најавено дека треба да почнат октомври.

Share.

Leave A Reply