Денес во Градскиот парк во Скопје беше одржана хуманитарна трка за деца со Даунов синдром. Пешачките патеки во градскиот парк во Скопје денеска беа претворени во атлетски патеки по кои децата со Даунов синдром и нивните другарчиња трчаа со цел да ги срушат бариерите и докажат дека сите спортисти имаат една заедничка цел, а тоа е да имаат еднаков пристап до спортот.
Од мечувалечкиот клуб „Ескрим“ кои четврта година по ред се јавуваат како организатори на трката велат дека годинава е постигнат рекорден број заинтересирани натпреварувачи, но и посетители дојдени да дадат поддршка на настанот.
Билјана Кузмановска која е дел од организацијата вели дека со ова се потврдува фактот дека спортот е од огромно значење за здравјето и социјализацијата на овие деца. Спортувањето рамо до рамо со децата со попреченост повеќе не е табу, а прифаќањето на ваквите дечиња во многу спортски клубови овозможува дополнителни успеси во областа на спортот во и надвор од земјата, додава Кузмановска. Таа изрази благодарност и до Град Скопје кој беше покровител на настанот.
Во нашата држава околу 10 проценти од населението се соочува со некаков вид на попреченост, а од информациите на Народниот правобранител од вкупниот број на деца кои посетуваат предучилишна установа, 1,19 отсто се деца со попреченост.