Во Вардар размислуваат само на победа за мечот со Мешков Брест

0

По паузата за репрезентативните натпревари и мечот со Брест Мешков во СЕХА лигата, ракометарите на Вардар се враќаат на обврските во Лигата на шампионите. Противник повторно ќе биде белорускиот шампион, но сега со видно изменет состав и на домашен терен.

Тренерот на Вардар Роберто Гарсија Парондо на денешната прес-конференција истакна дека Мешков воопшто не е наивен противник, но Вардар ќе се потруди да забележи победа на оваа средба.

„Играме против Брест Мешков, се обидовме да се подготвиме најдобро што можеме иако беше тешко, бидејќи многумина отсуствувааа поради репрезентативните активности, но ќе се обидеме да победиме на овој тежок натпревар. Брест е сериозен тим, имаат цврста одбрана, а во нападот имаат разновидни решенија. Нема да биде лесно, тоа е сигурно, но ќе го дадеме најдоброто од нас и наша цел епобедата“, изјави Парондо.

Во однос на казната за Вуко Борозан, тренерот на Вардар вели:

„Навистина не разбирам зошто беше суспендиран Вуко Борозан. Неговиот старт беше во рамките на играта и не знам зошто доби суспензија, но тоа е тоа. Ние го имаме новото засилување Кристијан Дисингер на таа позиција и сигурен сум дека ќе го даде максимумот“, заврши Парондо.

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов го искажа своето очекување од дуелот против Мешков Брест на кој Вардар ќе излезе речиси со најсилниот состав бидејќи не може да смета на суспендираниот Борозан.

„Против Мешков Брест играме многупати во годината. Имаат тренер кој донесе промени. Покажаа дека имаат квалитет годинава. Наше е да излеземе и да покажеме дека сме фаворити на оваа средба. Имавме некои проблеми со повредени играчи, а сега имаме и суспензија на Борозан. Сепак, нема да имаме оправдувања и мораме да одиме на победа во сабота“, изјави Стоилов на денешната прес-конференција.

Натпреварот меѓу Вардар и Мешков Брест од Лигата на шампионите се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:30 часот.

Share.

Leave A Reply