Втора победа за шахистите на Алкалоид на ЕКК

0

Во второто коло на Европскиот клупски куп во шах (ЕКК), ШК Алкалоид извојува нова победа над екипата “Raika Rapid Feffernitz” од Австрија.

Текот на мечот покажа дека на ова натпреварување нема лесни противници, па така по три часа игра резултатот во мечот беше нерешен, со три реми на прва, втора и четврта табла: кај Андреикин, Шанкланд и Криворучко. Највозбудлива партија беше таа на Андреикин, каде што велемајсторот кој игра на првата табла за ШК Алкалоид жртвуваше фигура за напад, а противникот успеа да ги најде единствените потези и партијата заврши реми со вечен шах. Потоа, со сигурна игра и победа, Владислав Ковалев донесе водство за македонскиот тим, а потоа следеа цели поени за Панчевски и Инаркиев до конечни 4,5 : 1,5 во мечот.

По одиграни две кола, 16 екипи (од вкупно 66 клуба кои учествуваат) имаат максимални 4 бода.

Во третото коло, ШК Алкалоид за противник ја има екипата “Mednyi Vsadnik” од Санкт Петербург, Русија, која е минатогодишен шампион. Мечот секако ќе биде дерби на колото, и еден од најважните мечеви за ШК Алкалоид на целиот турнир.

Share.

Leave A Reply