Денешната пресметка меѓу Ливерпул и Барселона закажана во 21.00 часот на „Енфилд“, ќе го даде првиот финалист во Лигата на шампионите. Домаќините ќе имаат тешка задача бидејќи Барса допатува со голема предност од 3-0 обезбедена на „Кам Ноу“.
Германскиот стратег откако остана без услугите на главните голгетери, Салах и Фирмињо, вели дека ќе биде многу тешко да се победи со четири голови разлика додека неговиот колега Ернесто Валверде, дипломатски изјави, дека би било грешка Барселона да се потпира на резултатот од минатата недела. Ливерпул и Барселона досега одиграле 9 средби со изедначен ефект. Во три меча победиле „црвените“, во исто толку се радувале Шпанците додека на три дуела немало победник. Тимот од Островот постигнал 6 голови додека екипата од Пиринеите погодила девет пати. Доколу Барселона успее да влезе во финалето на 1 јуни во Мадрид, тоа ќе и биде деветто учество во решавачкиот меч за победничкиот пехар во елитната конкуренција на Стариот континент.
Можни состави: Ливерпул: Алисон, Александар-Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон, Милнер, Вајналдум, Фабињо, Хендерсон, Мане, Ориген. Барселона: Тер Штеген, Семедо, Пике, Ленгле, Алба, Роберто, Ракитиќ, Бускетс, Видал, Суарез, Меси. Мечот меѓу ЛИверпул и Барселона кој ќе започне во 21.00 часот на „Енфилд“ ќе го суди Чакир од Турција.