Денес во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беа извлечени двојките за полуфиналето на Купот на Македонија. Во трка по Куп титулата се три скопски екипи и Еурофарм Работник кои следниот викенд во Куманово ќе се борат за трофејот.
Екипата на Вардар која го брани трофејот во Купот на Македонија го доби Еурофарм Работник за противник во полуфиналето. Ждрепката ги одбегна Вардар и Металург, но затоа закажа полуфинална пресметка меѓу двете најдобропласирани екипи во Супер лигата.
Вардар и Еурофарм Работник веќе одиграа интересен натпревар во Битола, а сигурно ќе биде интересно и во петок кога ќе играат полуфинале. Во вториот меч Металург ќе игра против Бутел Скопје така што и ова ќе биде исто така изедначен и интересен меч. Термините за одигрување на натпреварите се од 17 и 20 часот во петок (10 мај), а финалето ќе се одигра во 20 часот в сабота на 11 мај.
Полуфинале:
Металург – Бутел Скопје
Вардар – Еурофарм Работник
Во женскиот дел од Купот на Македонија, ЖРК Вардар кој ја брани титулата од минатата сезона ќе игра во полуфиналето против Стружанка, додека домашната екипа ЖРК Куманово за противникот го доби ЖРК Металург.
Полуфинале:
ЖРК Куманово – ЖРК Металург
Стружанка – ЖРК Вардар