Ливерпул е на чекор до финалето на Лигата на шампионите, но пред тоа треба да го заврши започнатото против најголемата сензација на овогодинешното издание на Лигата на шампионите, Виљареал. Ливерпул целосно доминираше на „Енфилд“ и со два гола обезбедија солидна предност, но тоа не треба да ги смирува, бидејќи „жолтата подморница“ има доволно оружје од кое веќе настрадаа Јувентус и Баерн (Минхен).
Се разбира, сега ситуацијата е многу поинаква. Виљареал нема предност од добар резултат од првиот меч и избраниците на Унаи Емери ќе бидат принудени да делуваат поофанзивно отколку што сакаат. Тешко дека можеме да очекуваме дека Шпанците ќе тргнат во офанзива од првата минута, но сигурно нема да бидеме сведоци на дефанзивна поставеност како онаа на „Енфилд“.
Само една екипа се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите откако на првиот меч загуби со два гола разлика. Ливерпул го направи тоа против Барселона во сезоната 2018/19. На страната на Виљареал е уште еден статистички показател: тимот е непоразен во 12 последователни натпревари на домашен терен. „Жолтата подморница“ последен пат загуби пред своите навивачи во ноември, но вечерва тоа нема да биде доволно за тимот само да се брани добро.
Во текот на викендот, Емери ја сочува свежината на повеќето стартери на натпреварот против Алавес, кој загуби со 1:2. Сепак, кадровските проблеми не изостануваат. Алберто Морено и Џереми Пино се повредени, а Арно Данјума се уште е неизвесен за настап. Френсис Кокелин и Раул Албиол имаа одредени проблеми, но се очекува да започнат од првата минута. Жерар Морено не се опорави целосно и може да се појави во второто полувреме. Во оваа ситуација нападот ќе го предводат Самуел Чуквуезе и Булае Диа, а зад нив ќе дејствува Џовани Ло Селсо.
Ливерпул ја продолжува битката на сите фронтови. Јирген Клоп и друштвото веруваат дека по освојувањето на Лига купот во Англија, на него можат да ги додадат трофеите од Лигата на шампионите, Премиер лигата и ФА Купот.
Против Њукасл, германскиот стручњак си дозволи на клупата да ги остави Мохамед Салах, Трент Александер-Арнолд, Фабињо и Тиаго Алкантара, но тимот освои нови три бода во битката за титулата. Стрелец на единствениот гол на „Сент Џејмс Парк“ беше Наби Кеита. Против Виљареал Клоп ќе игра со најдобриот состав. Салах, Садио Мане и Луис Дијаз ќе бидат триото во нападот, а на средината на теренот ќе стартуваат Тиаго Алкантара, Фабињо и Џордан Хендерсон. Како централни дефанзивци ќе бидат Вирџил ван Дајк и Ибрахима Конате.
Ливерпул цели кон десеттото финале во Лигата на шампионите. Само Реал Мадрид, Баерн (Минхен) и Милан играле повеќе финални натпревари за најпрестижната клупска награда. Тимот на Клоп нема примено гол во последните 4 натпревари, а исто така има пет победи на гостински терен во Лигата на шампионите оваа сезона, постигнувајќи најмалку два гола на секој меч. Судија на натпреварот вечерва ќе биде Холанѓанецот Дени Макели.
Виљареал – Ливерпул (0:2 во првиот натпревар)
Веројатни состави:
ВИЉАРЕАЛ (4-3-1-2): Рули; Фојт, Албиол, П.Торес, Еступинан; Капу, Кокелин, Парехо, Ло Селсо, Чуквуезе и Диа.
ЛИВЕРПУЛ (4-3-3): Алисон; Александар-Арнолд, Конате, Ван Дајк, Робертсон, Хендерсон, Фабињо, Т.Алкантара, Салах, Мане и Л.Дијаз
СУДИЈА: Д. Макели (Холандија)
СТАДИОН: „Естадио де ла Керамика“