Македонските фудбалски репрезентативци по еден ден одмор и можност за прилагодување по долгиот лет од Варна до Малага и сместувањето во Гибралтар денес го одржаа и официјалниот тренинг.
Фудбалерите имаа можност да го почувствуваат теренот на „Викторија стадиум“, каде голем дел од овој тим играше и победи со 0:2, на мечот пред четири години.
Селекторот Благоја Милевски како и секогаш сериозно му пристапува и на овој натпревар и покрај евидентната разлика во квалитет која е во наша полза.
„Имаме одреден број на фудбалери со проблеми, но без разлика на тоа секогаш ќе излезат најспремните во моментов. Пристапот ќе ни биде сериозен и нема место за калкулации и експерименти. Во денешниот фудбал нема место за потценување. Со самиот податок што Гибралтар е во Лига Ц на Лигата на нации и со самото тоа покажа дека напредува. Нема ни 1% место за опуштање. Момците се свесни дека само со максимум може да се дојде до посакуван резултат. Секој натпревар е посебен, мора посебно да се подготвите. Нема два идентични натпревари, па нема ни исти подготовки. Сите противници заслужуваат респект, па и Гибралтар кој многу напредува. Оваа Македонија без разлика против кој ривал игра, обврзани сме да играме максимално“, заклучи Милевски.
Македонија досега четири пат играла против Гибралтар и четири пат сме излегувале како победници, да се надеваме дека традицијата ќе продолжи и утре.