Кошаркарскиот состав на Олимпијакос ќе биде исфрлен од шампионатот на Грција бидејќи раководството планира да ја бојкотира последната средба од регуларниот дел во сезоната против тимот на Прометеј. Екипата под Пиреја не е задоволна што судијата Панајотис Анастопулос треба да се појави на мечот со Прометеј и затоа се определила на крајно ригорозен потег.
Анастопулос беше еден од судиите на полу-финалниот дуел против Панатинаикос во Купот на Грција. Тогаш „црвените” не излегоа да го одиграат второто полувреме во знак на протест поради лошото судење а веднаш потоа објавија дека нема да се појават на терениот на ниту еден меч на кој ќе биде барем еден од судиите: Анастопулос, Манос или Панајоту.
Досега судиската комисија избегнуваше да ги делегира тројцата за средбите на трикратниот шампион од Евролигата, но, сега ја прекина таа практика.