Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 19 години во Скопје ги одработува завршните проверки на формата пред елитните квалификации за ЕП 2024 закажани во Скопје кон средината на март. Под водство на селекторот Тони Јакимовски, репрезентативците одиграа еден контролен меч со селекцијата на БиХ (пораз, 0:2), а веќе утре ќе одиграат и втора средба. За подготовките и очекувањата од настапот дел од нашите репрезентативци ги споделија своите очекувања во гостување на програмата на Спортското радио 90.3 фм.
„Првиот натпревар со Украина ќе биде најважен. Најважен, затоа што е прв и треба да се добие, а потоа ќе размислуваме на останатите два противника. Оваа генерација е сплотена, знае што сака и ќе дадеме се за да се обидеме да го освоиме тоа место кое може да не однесе на Европското првенство“, вели капитенот на нашата У19 репрезентација, Мартин Ѓоргиевски.
Еден од најстандардните во составот на селекторот Јакимовски е и Марко Стојилевски. За квалификациите кои не чекаат во март е дециден:
„Мораме да ја одржиме формата до квалификациите и да се обидеме таму да го дадеме нашиот максимум. Ќе се обидеме да направиме добар резултат. Сите натпревари ќе бидат тешки, но ќе се бориме на секој меч“.
Утре нашите млади надежи во 11.30 часот на теренот на ФФМ ќе го одиграат и вториот контролен меч со БиХ. Од 20 март во Скопје почнуваат Елитните квалификации за ЕП 2024 каде за противници ќе ги имаме Украина, Швајцарија и Летонија.
Интервјуто со нашите млади репрезентативци Ѓоргиевски и Стојилевски можете да го проследите и на следниот ЛИНК