Македонија ќе биде домаќин на три значајни меѓународни натпреварувања во џиу џицу, кои ќе се одржат од 22 до 26 септември 2027 година во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Домаќинството беше официјализирано по посетата на претседателот на Европската џиу џицу унија, Мајкл Корн, и потпретседателката Дана Мортелманс, кои имаа средба и со министерот за спорт Борко Ристовски. Договорите ги потпишаа Корн и претседателката на македонската федерација, Катерина Бошковска.
Во Скопје ќе се одржат Балканскиот опен шампионат, Балканското првенство и Европското првенство во контакт џиу џицу. Особено значаен е Балканскиот опен, кој ќе носи бодови за светската ранг-листа и квалификациски бодови за Светските игри во 2029 година.

