ФК Вардар е еден од најголемите амбасадори на македонскиот спорт. По турбулентниот период и испаѓањето во Втората лига, „црвено-црните“ полека се обидуваат да ја стабилизираат ситуацијата и играчки, и стратешки, но и финансиски. Новиот сопственик на клубот, Слободан Крстевски, денеска беше еден од гостите во емисијата „60 минути на тема…“ и зборуваше за моменталната ситуација во клубот.
„Ова превземање на Вардар е голем чекор и за мене и за мојот тим. Се нафативме од љубов кон Вардар, кон фудбалот, затоа што гледаме просперитет и успешна приказна во клубот. Со многу работа и голема посветеност можеме да постигнеме големи успеси. Се уште го правиме тимот кој ќе го води клубот. Чекаме да заврши полусезоната, па потоа би требало да бидеме комплетни. Не сакаме да брзаме, сакаме да ги одбереме вистинските имиња, за вистинските позиции“, вели Крстевски.
За финансиските долгови кои се чини и пресудија за испаѓањето на клубот од македонската фудбалска елита, сопственикот на Вардар додаде:
„Не е тајна дека се уште имаме долгови. Во мојот договор со Самсоненко за една година треба да ги вратиме долговите, но мислам дека тоа ќе го направиме и порано. Според планот, некаде до февруари-март ќе ги анулираме долговите кои се во висина од околу 2,5 милиони евра. Оние најприоритетните се покриени за да можеме да функциониреме. По Нова година, полека, сите долгови ќе се исчистат и треба да се стабилизира ситуацијата“.
Комплетната емисија „60 минути на тема… ФК Вардар“ во која како гости се и тренерот Никола Глигоров и спортскиот директор Александар Бајевски следете ја репризно попладнево од 16.05 часот на програмата на Спортското радио 90.3 фм.