Барселона не се откажа од идејата за купување на напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез. Агентите на фудбалерот во моментов се во каталонската престолнина да преговараат за негов трансфер на „Камп Ноу“, тврдат медиумите во Барселона.
Двајцата агенти ќе имаат задача да разговараат со челниците на Барселона, а потоа да им го пренесат на Мартинез и Интер новиот предлог на Каталонците.
Лаутаро има откупна клаузула вредна 111 милиони евра, но таа истече, а понудите на Барса досега не беа ни приближно до таа сума. Сега, сепак, се очекува од „Камп Ноу“ да излезат со многу посериозен предлог и да го натераат Интер да размисли за продажба.
Барселона има потреба од нов напаѓач, бидејќи се чини дека Луис Суарез ќе си замине од клубот. Уругваецот во моментов се обидува да го раскине договорот со клубот за да потпише со Јувентус или Атлетико Мадрид. Барса го гледа Лаутаро Мартинез како негова идеална замена.