Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти по победата над Барселона од 3:2 во „Ел Класико“ призна дека неговиот тим веќе е на чекор до титулата во Шпанија. Сепак, Италијанецот ги повика своите играчи да не се опуштаат и покрај солидната предност што ја имаат на врвот.
Реал Мадрид е лидер со 81 бод, а Барселона веќе заостанува зад „кралевите“ дури 11 бодови.
„Ова дефинитивно е многу важен чекор за нас. Веќе имаме голема предност, но не можеме да престанеме да играме. Треба да освоиме повеќе бодови и да се подготвиме за полуфиналето во Лигата на шампионите“, изјави Анчелоти.
Еден од погодоците на Реал беше од пенал кој Винисиус Жуниор го постигна во првото полувреме, а во вториот дел Барса беше многу блиску до реализација преку Јамал. Младиот играч ја врати топката од центаршут од корнер, а Лунин интервенираше, но изгледаше дека топката беше зад гол-линијата.
По прегледот на ситуацијата со ВАР, голот беше поништен, а по натпреварот Чави се пожали дека неговиот тим е оштетен.
„Не сакам да давам мислење за тоа што мисли Чави. Секој има свое мислење. Повеќе сакам да зборувам за натпреварот. Во него имаше убави моменти за двете екипи, на крајот успеавме да победиме со последната капка енергија. Ние сме во добра позиција на табелата“, изјави Анчелоти.
Италијанецот додаде дека проценката на судиите за ситуацијата на Јамал била правилна.