Менаџерот на Барнли, Винсент Компани ќе биде нов тренер на Баерн Минхен, пишува БИЛД. Се очекува 38-годишниот Белгиец да биде објавен како нов тренер на Баерн во текот на овој викенд.
Раководството на Баварците во последните денови преговараше со тренерот, а двете страни веќе имаат начелен договор. Според различни извори во Германија, Компани веднаш ја прифатил работата и потоа ги разјаснил останатите детали.
Бордот на директори на Баерн исто така се согласи за назначувањето на Компани, а спортскиот директор Макс Еберл цврсто стои зад него.
На „Алијанц Арена“ гледаат огромен потенцијал кај Белгиецот, бидејќи неговиот развој во клубот го следат уште од Андерлехт. Од клубот сметаат дека поранешниот дефанзивец е одлична одлука за долгогодишен тренер.
Винсент Компани совршено се совпаѓа со профилот што го бараат во Баерн – неговата фудбалска филозофија е блиска до онаа на Баерн, се потпира на систем 4-3-2-1, знае германски од времето во Хамбургер и исто така е инспириран од Пеп Гвардиола под чие водство играше во Манчестер Сити.
Во оваа фаза единствена пречка за назначувањето на Компани е тоа што се уште нема рдоговор со Барнли околу отштетата што ќе му биде исплатена на испаднатиот премиерлигаш. Се очекува да нема никакви проблеми во оваа насока.
Винсент Компани ќе го замени Томас Тухел и со тоа ќе стави крај на повеќемесечната потрага на Баерн по нов тренер. Досега Баварците беа одбиени од Чаби Алонсо, Јулијан Нагелсман, Ралф Рангник, Роџер Шмит, Оливер Глазнер, па дури и Тухел.