Дали ќе се игра вториот натпревар од финалето на „Копа Либертадорес“ ? Ова е прашање кое си го поставуваат љубителите на фудбалот во Аргентина , нои во целиот свет. Екипата на Бока Јуниорс одбива да игра во вториот финален натпревар против Ривер Платa и побара да се почитуваат правилата на КОНМЕБОЛ, односно службено да го добијат мечот за трофејот против својот најголем ривал.
Пред мечот кој требаше да се игра минатата сабота на „Ел Монументал“, фудбалерите на Бока јуниорс движејки се кон стадионот беа нападнати од навивачите на Ривер со тоа што нивниот автобус беше каменуван. Поради тоа следеше одложување на натпреварот , најнапред за неколку часа, а потоа за наредниот ден, за се да заврши на „зелена маса“.
На состанокот на клупските претставници и КОНМЕБОЛ, од Бока Јуниорс било доставено писмо во кое децидно се дава до знаење дека се бара дисквалификација на Ривер Платa поради прекршување на правилата и истовремено го бараат пехарот од „Копа Либертадорес“.
Со свое соопштение излегоа и од КОНМЕБОЛ, од каде истакнаа дека реваншот ќе се игра, на 8 или 9 декември, а местото на одигрување дополнително ќе биде потврдено. Аргентинските медиуми излегоа со информација дека можно е овој натпревар да се игра на 8 декември во Парагвај.