Ливерпул би можел да остане без титулата во Премиер лигата ако натпреварите бидат откажани поради ризик од коронавирус, пишува „Дејли Телеграф“.
Тимот на Јирген Клоп има 79 бода и е на врвот на табелата во Премиер лигата, со дури 22 бода повеќе од Манчестер Сити кој е на второто место. До крајот на првенството остануваат уште 11 кола, но неизвесно е дали тоа ќе се доигра.
Брзината со која коронавирусот се шири низ Европа носи сериозни проблеми, па неколку натпревари во Серија А минатиот викенд беа одложени, некои се играа без публика, а се размислува и за целосен прикин на првенствата, препораки кои ги разгледува и Премиерлигата.
Според „Дејли телеграф“, не постои регулатива за ваква ситуација во Премиерлигата, па Владата би требала да одлучи како ќе се постапи. Може комплетно да биде поништено првенството, или пак, истото да заврши веднаш со Ливерпул како шампион и трите најслаби екипи според моменталниот пласман да бидат преселени во понизок ранг на натпреварување.