Ѕвездата на Далас Маверикс и на словенечката кошаркарска репрезентација, Лука Дончиќ, изјави дека репрезентациите стационирани во Окинава биле разбудени од итна тревога за евакуација откако Северна Кореја истрелала две балистички ракети.
Локалното население на Окинава, островот кој е најјужната и најзападната префектура на Јапонија, побара засолниште од можни катастрофи. На крајот, јапонската влада објави дека областа е безбедна.
„Се е супер, освен што не спиев првата ноќ поради алармот. Беше лудо, само видов дека доаѓа некаков проектил, се исплашив“, рече Лука Дончиќ на првата прес-конференција по пристигнувањето на Окинава.
Словенците на Мундобаскетот се во група заедно со Грузија, Венецуела и Зеленортските Острови.