Денеска во раните утрински часови на 88-годишна возраст почина доајенот на македонското спортско новинарство, Бранко Давидовски.
Бранко Давидовски е роден на 24. март 1930 година во Скопје, а целиот свој професионален век на маестрален начин го мина оставајќи силна трага во домашното спортско новинарство.
Далеку попознат во спортските кругови на Македонија по својот омилен прекар „Мајка”, Давидовски првите контакти со спортот всушност ги имаше како фудбалер на ФК Вардар и тоа во 1947 година токму низ периодот на основање на најтрофејниот македонски клуб. Како што често сакаше да спомне, Давидовски беше горд што беше дел од Вардар низ сите негови младински категории и потоа кратко во сениорскиот тим токму во годините кога се пишуваше историја на црвено-црните бои.
Најзначајниот период од професионалното спортско новинарство го мина како долгогодишен уредник на Македонското радио – Радио Скопје, притоа во својата богата кариера известувајќи од бројни елитни спортски натпреварувања, европски и светски првенства, Олимписки игри и Универзијади. Не мируваше ниту во пензионерските денови продолжувајќи активно со новинарството како дел од спортските редакции на дневните весници „Вечер” и „Утрински весник”, а потоа долги години и во единствениот македонски спортски весник „Македонски спорт”.
Погребот на Бранко Давидовски ќе биде утре од 12 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.