Македонската кошаркарска јавност има причини за задоволство по двете остварени победи во августовските претквалификации за Евробаскетот 2025. Селекторот Александар Јончевски по вчерашниот триумф во Скопје над Словачка, вели дека оваа тешко извојувана победа носи и дополнителни мотиви за овие кошаркари.
„Пред се, ова беше многу тежок натпревар. Заморот можеби во нашата екипа повеќе се чувствуваше на стартот, затоа што имавме многу загубени топки. Нешто кое го договаравме да го спроведеме со Данска, тоа е да го минимизираме бројот на загубени топки, не успеавме. Загубивме девет топки до полувреме, тоа нè чинеше многу примени поени од транзиција и тоа не можевме да го надминеме во вториот дел. Им честитам на момците што во овој циклус дојдоа до две многу важни победи во ситуација во која од четири тима, само еден оди понатаму. Меѓутоа, работата не е завршена затоа што и Норвешка е со ист статус како со нас. Ни претстојат уште два тешки циклуса“, вели Јончевски.