Клубовите од Премиер лигата денеска ќе се сретнат на вонреден состанок на кој треба да се разговара за евентуална суспензија на првенството поради кризата со Ковид. Дури шест од десетте натпревари кои требаше да се одиграат викендов беа одложени поради многу случаи на заразени играчи.
Вчера Томас Тухел изрази огорченост поради тоа што мечот на Челзи со Вулверхемптон исто така не беше одложен од Премиер лигата и покрај седумте заразени играчи во неговата екипа. И Јирген Клоп не можеше да искористи пет играчи на дербито со Тотенхем, по што Германецот рече дека едноставно не може да продолжи со вообичаениот напорен распоред за време на празничната програма.
Според „Дејли мејл“, една од најверојатните опции е да се одложи едно коло од Премиер лигата. Ова се натпреварите меѓу 28 и 30 декември. Има и предлози за одложување на сите натпревари кои мора да се играат до крајот на 2021 година, а фудбалот да се рестартира викендот на 8 и 9 јануари 2022 година, доколку дозволат условите.
Според замислата тогаш треба да се одиграат натпреварите од третото коло во ФА Купот кои традиционално се одржуваат веднаш по Нова година, а натпреварите во Премиер лигата треба да продолжат на 15 јануари. За да се одобри некој од овие предлози, тој мора да биде поддржан од 14 од 20-те клубови во Премиер лигата.