Голгетерот на Манчестер Јунајтед во Премиер лигата во оваа сезона Антони Марсиал не се најде на официјалниот клупски календар за следната година.
Тоа уште еднаш ќе ги разгори шпекулациите околу иднината на Французинот, кој се запиша во листата на стрелци три пати во последните пет натпревари.
Другите играчи, чија иднина е исто така неизвесна, се дел од календарот за кој станува збор. Се работи за Пол Погба, Давид Де Геа и Ерик Баји.
Сликата на Погба сепак е за месец јануари, што исто така дава повод за загриженост меѓу навивачите на „црвените ѓаволи”, бидејќи неколку пати во последните години навивачите на другите клубови ги гледаа сликите на своите миленици во јануари, а беа продадени во текот на зимата, токму во првиот месец од годината.
Таков беше случајот со календарот на Ливерпул за оваа година, каде месец јануари беше со ликот на Филипе Кутињо, продаден во истиот месец на Барселона. Истото се случи и со Арсенал и Алексис Санчез, кој во зимата замина во Манчестер Јунајтед.