Македонската кошаркарската репрезентација вечерва ќе го одигра првиот натпревар од квалификациите за Евробаскетот во 2025 година, на домашен терен ја пречекуваме Естонија. Во групата во која само две селекции бркаат „виза“ за турнирот, веројатно клучен ќе биде двомечот против Естонците, особено бидејќи Литванија е фаворит за првото место, а Полска е домакин на ЕП.
Македонија вечерва во СРЦ „Кале“ предводена од селекторот Александар Јончевски ќе се обиде да направи позитивен езултат во дуелот со Естонија. За таа цел селекторот Јончевски се одлучи за овој собир да го повика Итан Хап, американскиот кошаркар кој веќе неколку години има македонски пасош, но сега ќе го има своето на деби. Од друга страна, изостана Ти Џеј Шортс. Плејмејкерската улога ќе ја добие Ненад Димитријевиќ кој игра во врвна форма во Русија, а лекарскиот тим потврди дека Војдан Стојановски ќе може да игра против Естонците. Капитенот на репрезентацијата се повреди во Куп-финалето минатиот викенд и не тренираше во претходните денови, но сепак ќе биде подготвен за настап.
Дуелот вечерва во салата „Кале“ се игра во терминот од 19:00 часот.