Светската кошаркарска федерација ги утврди деталите поврзани со претстојните претквалификациски турнири кои водат кон учество на Олимпијадата во Париз во 2024 година.
Македонија ќе игра во Талин, а според најавата првиот меч ќе го имаме на 12 август. Противник ни е селекцијата на Израел, а таа средба во „Тондираба Ајс“ Арената е закажана за 19 часот.
Еден ден подоцна, на 13 август, во исто време, од 19 часот, нашите најдобри кошаркари ќе играат против селекцијата-домаќин, Естонија. По еден ден пауза, поточно на 15 август, од 16 часот, следува и дуелот против репрезентацијата на Чешка.
Првопласираните две репрезентации од собирот во Талин, ќе продолжат за Полска, поточно во Гљивице, каде ќе се одигра и оној завршен дел од овие евро-претквалификации за Олимписките игри.