Македонија загуби на вториот натпревар од квалификациите за ЕП во 2024 година и тоа на домашен терен од селекцијата на Украина со 2:3.
Две различни полувремиња на нашата селекција, во првото играа, се надигруваа и ја контролираа играта, а во вториот дел како да играше сосема друга селекција која го загуби здивот во натрчувањето со противничката репрезентација.
Почетокот на натпреварот беше со иницијатива на нашата репрезентација која се обидуваше преку крилните позиција да ја отвори одбраната на Украина. Сепак првите возбудувања се случија во 30.минута кога Матвиенко играше со рака во својот шестнаесетник, а судијата по асистенција на ВАР досуди пенал за Македонија кој го реализираше Енис Барди за водство на Македонија од 1:0.
Нашата репрезентација продолжи со нападите кон противничкиот гол, а во 39.минута Елмас доби топка и од 20 метри упати силен и прецизен удар кој голманот Трубин не можеше да го одбрани и тоа беше водство на Македонија од 2:0, резултат со кој се замина на одмор.
Во вториот дел Македонија почна добро и се обидуваше преку прекин да го загрозат голот на противникот, но казната стигна во 62.минута кога по изведениот корнер најдобро во скокот се снајде Забарни кој со глава го погоди голот на Димитриевски за намалување на резултатот на 2:1.
Само шест минути подоцна Украина дојде до израмнување по пробивот од левата страна на Мудрик кој го проигра Коноплија кој упати силе удар по земја кој не успеа да го одбрани нашиот голман Димитриевски и гостите израмнија на 2:2 во 68.минута. Хендикеп за Македонија во 73.минута кога Муслиу заработи втор жолт картон и мораше да ја напушти играта и Македонија да продолжи со играч помалку до крајот на натпреварот.
Целосен пад во играта на нашата репрезентација во финишот од натпреварот, а тоа знаеше да го казни Украина која преку Циганков постигна гол со глава за водство на Украина од 3:2 во 83.минута од натпреварот.
До крајот на мечот Македонија не успеа да се закани кон голот на Украина која на крајот се радуваше на победата во Скопје.