Францускиот напаѓач Антони Марсијал ги потврди пишувањата во медиумите дека го напушта тимот на Манчестер Јунајтед.
Тој на социјалните мрежи им се заблагодари на навивачите на „црвените ѓаволи“ за нивната поддршка во текот на годините поминати на „Олд Трафорд“.
Марсијал беше донесен во летото 2015 година од тимот на Монако, а за 20-кратниот шампион на Англија одигра 317 натпревари во сите натпреварувања и постигна 90 голови.
„Манчестер Јунајтед секогаш ќе биде во моето срце. Овој клуб остави белег на мојата кариера и ми даде неверојатна можност да играм пред овие неверојатни навивачи. Заминувам во потрага по нов предизвик, но секогаш ќе останам „Црвениот ѓавол“ и следејќи ги настапите на клубот“, напиша 28-годишниот Французин кој станува слободен агент.
Повредите го ограничија Марсијал на само 19 настапи во сите натпреварувања оваа сезона, со два гола и една асистенција.