Одбојкарската репрезентација на Македонија со две победи над Романија ги отвори подготовките за Европското првенство. По првиот тест натпревар кој се играше зад затворени врати, синоќа во втората контролната пресметка нашите одбојкари славеа победа од 3:1.
Селекторот Јошко Миленкоски е задоволен од одиграната игра и двете победи, но напомена дека оваа селекција допрва треба да го достигне својот врв.
„Мислам дека треба да бидеме задоволни после двете контролни средби со Романија. Игравме против селекција која исто така ќе игра на Европското првенство и која поседува голем квалитет во своите редови. На моменти игравме многу добро, сите елементи функционираа, но имаше и падови, што е нормално за овој дел од подготовките. Задоволен сум од победите над Романија, иако конечниот резултат не ни е толку важен, колко тоа што сакавме да ја играме нашата игра и да изградиме наш претпознатлив стил на игра. Мислам дека сме на добар пат да го оствариме тоа.Се надевам дека од ден во ден ќе бидеме сè подобри и контролните натпревари со Израел и Јапонија треба да го покажат тоа“, рече селекторот Миленкоски.
Следни противници на Македонија ќе бидат Јапонија и Израел, во натпревари кои што ќе се одиграат во Кавадарци и Скопје.