По синоќешниот меч и пораз од Грузија во 3. коло од Лигата на нации, селекторот на нашата репрезентација Благоја Милевски пред новинарите зборуваше за текот на мечот и очекувањата во следните дуели од циклусот.
„Прво честитки за победата на Грузија, одиграа добар натпревар. Што би посочил како причина за поразот – освен три лоши наши реакции. Имавме контрола на играта барем 50 минути, потоа паднавме физички. Грузија е ниво над нас на физичка подготвеност. Нема ништо да им замерам на момците. Ова е нашиот максимум во моментот. Жалам што не дадовме гол, два или повеќе во периодот кога имавме доминација. Ќе пробаме во недела да се консолидираме“, вели Милевски.
За продолжението од квалификациите во кои Грузија има голема предбост, нашиот селектор додаде:
„Од почетокот на моето доаѓање реков дека главна цел ни се главните квалификации кои почнуваат покасно. Овие натпревари од Лигата на нации се дел од таа подготовка за тие квалификации. Ќе имаме појасна слика по овие 4 и тие два во септември за да знаеме со каков потенцијал располагаме. Има уште 3 меча до крај, нема денеска лесен или тежок противник. Видовте денеска што се случи во Гибралтар. Сите заслужуваат респект, сите напредуваат. Додека постојат шанси, целта ни е иста ќе се бориме за посакуваната цел. Прво да победиме во недела, а потоа се завршните два дуели во септември“.