Нашата млада кошаркарска репрезентација за играчи до 20 години, вечерва почнува со настап на Европското првенство од Б-дивизијата во Скопје. Нашите младинци вечерва против Чешка од 18.30 часот во СРЦ „Кале“ ќе го одиграат првиот меч од групната фаза.
Целите на репрезентацијата се јасни. Прво да се помине групата, а потоа, со помош и на публиката, да се „влезе“ во првата „тројка“ на првенството. Еден од кошаркарите кој ќе бидат во фокусот на шампионатот, Андреј Митревски, ќе ја има и капитенската лента и ќе го предводи нашиот национален младински тим на овој шампионат.
„Ова е Европско првенство, тука нема слаби противници и лесни натпревари и секој меч ќе си има свое значење. Ќе одиме чекор по чекор, подготвени сме да го дадеме максимумот и да ја оствариме главната цел. Сето она што се однесува до фаворитите е само, што се вели, на хартија. Чешка е тука бидејќи лани беше во А-дивизијата, но не се знае кој со каков состав ќе дојде. Секогаш може да има изненадувања и не можам да претпоставувам со кого би се бореле за пласман во следната фаза. Сите веруваме дека ќе ја поминеме групата, плус имаме домашен терен што е од големо значење за нас. Исто така, очекувам полни трибини со што ќе ни биде олеснета работата“, вели Митревски.
Во нашата група покрај селекцијата на Чешка се и Бугарија, Словачка и Р. Ирска.