Директорот на АМС, Наумче Мојсовски и заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, денеска на средба со новинарите се насочија кон промените во законот за спорт во кој се третира ваучер-системот.
„Горд сум што можам да кажам дека фантастични 10 милиони евра ќе влезат директно како финансиска поддршка за клубовите, федерациите, спортистите. Ова е историска сума која ја потврдува заложбата на АМС за унапредување на македонските национални федерации, спортски клубови и спортисти. Заедно со министерството за правда го модифициравме досегашниот систем т.н. ваучерски систем и стигнавме до директни државни субвенции“ – рече Мојсовски.
„Законот беше предложен од министерството за правда и беше одобрен во Собранието. Досегашниот ваучерски систем беше означен како можност за корупција и затоа требаше да се промени. Според новиот закон ќе има обезбедување на финансиски поттикнувања по основ на државна помош за спортските федерации, клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други субјекти“ – изјави Аврамовска-Мадиќ.