Напаѓачот на Челзи Алваро Морати, кој постигна четири гола во Премиерлигата од почетокот на октомври, откри дека ја вратил најдобрата форма благодарение на професионалната помош на психолог.
Шпанецот беше привлечен на „Стемфорд Бриџ” во текот на летото на 2017-та за рекордна сума за клубот од 70 милиони фунти. Тој ја започна својата кариера во Челзи на совршен начин, откако постигна седум гола во првите седум натпревари во Премиерлигата, но потоа влезе во криза и успеа да постигне погодок само три пати од декември до крајот на сезоната. Мората призна дека во текот на летото дури мислел да замине од Лондон, но потоа ја добил споменатата помош и сега се чувствува исклучително среќен во Англија.
„Никогаш не мислев за тоа да посетувам психолог. Кога фудбалер ќе го слушне зборот „психолог”, првично негодува, така беше и со мене, но потоа сфатив дека имам потреба од помош. Во почетокот се чувствувате малку непријатно, му раскажував на психологот за своите проблеми. Потоа, со помош на сите околу мене, јас успеав да ја повратам својата среќа од фудбалот. Ова лето повеќе пати си велев дека сакам да одам во тим во кој ќе се чувствувам повторно среќен без тензија. Сега сепак се чувствувам среќен во Челзи и во националниот тим”, изјави Мората.