Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг се надева дека ќе ја продолжи кариерата во Барселона. 30-годишниот играч беше опција да го засили нападот на Барселона уште во јануари, но Арсенал категорично одби да се раздели со својот напаѓач.
Од „Камп Ноу“ планираат да излезат со нова понуда за интернационалецот од Габон, особено затоа што тој досега одби да потпише нов договор со Арсенал. Според каталонскиот весник „Спорт“, Арсенал ќе се согласи да го продаде Обамејанг за најмалку 55 милиони евра. Сепак, челниците на Барселона сакаат да ја намалат цената во текот на преговорите.
Шпанските медиуми објавија дека роднините на напаѓачот се сместувале во град во близина на Барселона веќе неколку месеци. Претставниците на Обамејанг јасно ставија до знаење дека отфрлајќи ја понудата на Арсенал за обновување на договорот, тој сака да го принуди клубот да го продаде во Барселона. Доколку „топџиите“ не се квалификуваат во Лигата на шампионите, разделбата сигурно ќе биде неминовна.