Македонската фудбалска репрезентација славеше против Летонија со 2 спрема 0 со што се врати во конкуренција за второто место во квалификациската група „Г“ за пласман на Евро-шампионатот во 2020 година.
Избраниците на Ангеловски влегоа мотивирани за успех и за само 3 минути од 14 –та до 17-та направија одлична предност. Прво капитенот Пандев погоди од 5 метри по одлично додавање од Еламс а веднаш потоа Барди во негов стил испрати прецизен „проектил“ во долниот десен агол на голманот Ванинис. До крајот на мечот двете селекции имаа по неколку шанси за погодок, но, резултатот остана непроменет.
Во другите два меча во нашата група, Полска-Австрија 0:0 и Словенија-Израел 3:2. На табелата води Полска со 13 бодови пред Словенија со 11 и Австрија со 10. Македонија и Израел имаат по 8 додека Летонија е последна без бод. Во наредниот круг на 10-ти октомври ние ќе бидеме домаќини на Словенија, Летонија ќе ја пречека Полска додека Австрија ќе игра со Израел.