Организацијата на Олимписките игри во Токио, кои беа преместени за следната година, и натаму е неизвесна. Јапонската влада вчера призна дека нема договор со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за покривање на дополнителните трошоци кои се појавија поради презакажувањето на најголемиот спортски настан на планетава
„Немаме таков договор за дополнителните трошоци поврзани со презакажување на Игрите. Сите последици од преместувањето на Олимпијадата до следната година се предвиден проблем. Се согласивме да направиме проценка на штетите и потоа да разговараме за прашањето и за начинот на постапување“, рече генералниот секретар на јапонската влада, Суга.
Јапонската агенција „Кјодо“ објави дека одложувањето на Игрите би можело да ја чини Јапонија дури три милијарди долари.